ТУНА ФИЛЕТИ НА СКАРА / ГРИЛ ТАВА

Потребни состојки за 4 лица
  • Туна филети (170-220 грама по лице)
  • 1 dl маслиново масло
  • 2-3 главици лук, крупно сецкан
  • Лист од ловор
  • Рузмарин
  • Сок од 1 лимон
  • Крупно мелен бибер

Маринирање

Во длабок сад ставете ги филетите од туна да се маринираат заедно со сите состојки, најмалку 1-2 часа. Најдобро е да се остави да се маринира преку ноќ.


Печење

Пред филетите да ги ставите на скарата, отстранете го целиот лук и рузмарин од филето, бидејќи може при печењето да даде горчлив вкус. Печете ги на скарата по 3-4 минути од секоја страна, повремено преливајте ги со маслото од маринадата.


Доколку ги подготвувате на грил тава, печете ги на средна температура, со маслиново масло од маринадата.

ТУНА ФИЛЕТИ ВО СОС ОД ДОМАТИ

Потребни состојки за 4 лица
  • Туна филети (170-220 грама по лице)
  • ½ dl маслиново масло
  • 2 главици лук
  • ½ главица црвен кромид
  • 1 супена лажица бел вински оцет
  • 150 грама домати од конзерва (пелати)
  • 2 супени лажици прошек (или десертно слатко вино)
  • Половина китка магдонос
  • 2-3 лажици капари
  • Малку лута пиперка (чили)

Подготовка

Филетите туна кратко запечете ги на тава во малку маслиново масло, на висока температура. Тргнете ги настрана.
Во тава на малку маслиново масло на тивок оган пропржете го ситно насецканиот кромид, лук и луто пиперче. Кога кромидот ќе се застакли, додајте го оцетот и прошекот (виното) и динстајте додека не испари алкохолот. Додадете ги исецканите домати(пелати) и оставете да се варат на тивок оган 5 минути.
Ставете ги филетите и додадете капари, додајте соли мелен бибер. Поклопете го садот и варете додека сосот не се згусне.
Се сервира со палента или варен компир. На крај се додава ситно сецкан магдонос.

ОКТОПОД НА СКАРА

Потребни состојки за 8 лица
  • • 2-2,5 кг октопод (замрзнат)
  • • 1 dcl маслиново масло
  • • 2-3 чешниња лук
  • • 3 dcl бело вино
  • • 2 лимони
  • • 20 грама бибер во зрно
  • • 1 плутена тапа за вино

Подготовка

Во голем длабок сад ставете го одмрзнатиот и исчистен октопод, додадете го виното, биберот, пола лимон, лук и плутената тапа. Додадете вода, така да го прекрие 1-2 сантиметри октоподот. Октоподот треба да се вари на ниска температура 1 час. По 1 час извадете го октоподот од садот и оставете да се олади на собна температура.
Октоподот премачкајте го со маслиново масло, посолете и додадете мелен бибер и ставете го директно на решетките. Печете 3-4 минути од секоја страна, додека не добие светло кафена боја. За полесно печење, може да ги одвоите краците.
Кога октоподот е испечен, полијте го со маслиново масло и сок од лимон.

ОКТОПОД ВО РЕРНА

Потребни состојки за 8 лица
  • 2-2,5 кг октопод (замрзнат)
  • 2 кг компир
  • 2 моркови
  • 1,5 dcl маслиново масло
  • 1 главица кромид
  • 4 чешниња лук
  • 1,5 dcl бело вино
  • Рузмарин
  • Бибер

Подготовка

Во голем длабок сад загреан на висока температура, ставете го одмрзнатиот и исчистен октопод, без било каква течност, поклопете го садот и варете на висока температура. Самиот октопод ќе пушти свој сок во кој ќе се вари. Во текот на варењето свртете го октоподот неколку пати. Варете се додека целата течност не испари, односно на дното на садот треба да остане талог со виолетова боја.
Компирот, морковот и кромидот исецкајте ги на подебели плочки, зачинете ги со сол, бибер и маслиново масло и наредете ги во длабок сад за печење. Октоподот ставете го над компирите, додадете рузмарин и покријте го садот со поклопец или алуминиумска фолија. Печете на температура од 150оС 1,5 часа. Повремено октоподот треба да се врти.
Во меѓувреме во садот во кој се вареше октоподот на талогот додадете малку маслиново масло, па на тивок оган кратко пропржете го лукот. Додадете го виното и магдоносот и бибер по желба. Варете додека талогот на се растопи во виното.
Кога компирот ќе омекне, извадете го садот од рерната, прелијте го октоподот со содржината од садот во кој се вареше октоподот и вратете го садот за печење во рерната.
Печете уште 10-тина минути без да го покриете садот.